Дневник / 04.12.2004
ХУМАНИТАРЕН КОНЦЕРТ НА ТОШЕ ПРОЕСКИ, СКОПСКИ САЕМ
На музичкиот хепенинг, гости на Проески беа Ања Рупел, Тони Цетински, Леонтина Вукомановиќ, Есма Реџепова, "Синтезис", "Џорлеви" и "Блу фанки индивидуалс"
Уште долго ќе се памети спектаклот што Тоше Проески со своите гости го приреди на хуманитарниот концерт што се одржа завчера во петтата хала на Скопскиот саем. Парите од концертот - 15.000 евра, се наменети за реновирање на Хематолошкиот оддел на Детската клиника во Скопје. Енергичниот и разигран Тоше постојано ја анимираше публиката и по секоја песна им се обраќаше на своите обожаватели. Мегаѕвездата не требаше ништо да рече или да направи, доволно беше да стои на сцената. Халата ечеше од вресокот на обожавателите, кои постојано го скандираа неговото име, му изјавуваа љубов и со сиот глас ги пееја неговите хитовски песни. За еуфоричното расположение придонесоа и специјалните гости на концертот: Ања Рупел, Леонтина Вукомановиќ, Тони Цетински, Есма Реџепова и групата "Синтезис". Бендот "Блу фанки индивидуалс" и гудачкиот оркестар на Зоран Џорлев, свирејќи ги хитовите на Тоше, докажаа дека се мајстори на својот занает. Половина час пред Тоше да се појави на сцената, обожавателите врескаа и го скандираа неговото име. По неколку лажни навестувања за почеток на концертот, конечно на сцената се појави тој, заедно со десетина деца од училиштето за лица со оштетен вид "Димитар Влахов" од Скопје. Со нив, Тоше премиерно ја отпеа песната "Овој свет", што ја сними како амбасадор на УНИЦЕФ. Откако на обожавателите им се заблагодари за нивниот придонес во хуманитарната акција, почнаа да се редат хит-баладите од последниот албум "Ден за нас". Присутните мавтаа со светкави срца, а со огромните транспаренти му изјавуваа љубов. Повеќе од три илјади грла во еден глас ги пееја хитовите со него. На сцената се појавија штитениците од Домот за деца без родители "11 Октомври" кои, во знак на благодарност, својот заштитник го закитија со венец од цвеќиња. Со изведба на добропознатите стари и нови хитови, атмосферата повторно се вжешти. Жестокото танцување на големиот срцекршач и совршено синхронизираната игра со светлата ја зголемуваше еуфоријата. На сцената се појави и неговата прва гостинка, Леонтина Вукомановиќ, со која го изведе хитот "Чија си". Тоше и енергичната Ања Рупел ја испеаја најновата песна "Крајње вријеме". Со извонредно чувство за комуникација, Тоше постојано и се обраќаше на публиката и добиваше плишани мечиња, срциња и цвеќе. Појавувањето на хрватската ѕвезда Тони Цетински беше поздравено со бурни аплаузи. Со шеговитото однесување и танцување, тој и Тоше приредија вистински спектакл. Шоуменот Цетински скокаше на сцената, се качуваше на држачите за рефлектори, а на крајот од својот настап најави голем концерт во Скопје. Хитовите се редеа, Тоше се забавуваше и играше, а публиката не престана да вреска.
По два и пол часа македонската поп-ѕвезда и ја отстапи сцената на кралицата на ромската песна, Есма Реџепова. Таа заедно со своите синови, ги изведе познатите "Мангава ту" и "Чае шукарие", а во дует со Тоше ја испеаја и антологиската "Зајди, зајди". Тоше, при крај на концертот, и се обрати на публиката со зборовите: - Никогаш не сум помуабетил со вас и затоа вечерва сакам да ви кажам дека сум еден од најсреќните луѓе во светот. Вие ми го променивте животот кон поубаво и без вас можеби уште ќе пеев под туш. По моментите на искреност со публиката, Тоше легна на сцената и со почетните звуци од неговиот прв хит - "Твоите бакнежи на моите бели кошули", засветкаа запалките во публиката. Кога ја најави "Синтезис", публиката ги "претрка" и го запеа хитот "Ој девојче". И по завршување на извонредниот настап на "Синтезис", кога сите помислија дека е крај, се слушнаа почетните тактови на нумерата Fragile. По повеќе од три и полчасовно пеење, танцување и забава, Тоше се поздрави со публиката и замина од сцената. Обожавателите, "жедни" за својот миленик, го скандираа неговото име и го викаа да се врати. Светлата се изгаснаа, а Тоше уште еднаш ги почести фановите со хитовите "Усни на усни" и "Излажи ме".
Позитивни вибрации, солзи и бакнежи за хендикепираните
Време / 04.12.2004
ТОШЕ ПОДАРИ МУЗИКА ЗА ЖИВОТ
Богатството е во душата, сфативме уште од старт кога Проески ги стави под закрила децата од Центарот за оштетен вид и се разлеа звукот на „Овој свет“, новата химна на УНИЦЕФ. Музичко парче сосема очекувано изнуди максимална емотивна напнатост, проследена со солзи и со бакнежи, наменети токму за оние што таа ноќ ја почувствуваа топлината од нас обичните. По којзнае кој пат несебично подарувајќи музика за живот, Тоше Проески даде максимум. Вокално повторно се надмина себеси и уште еднаш покажа хуманост за сите нив. По неколку отпеани хитовски рефрени, македонската поп-икона почна да ги најавува гостите. Прва подари љубов Леонтина Вукомановиќ. Со Тоше ја отпеа „Чија си“, а потоа нејзиниот најголем хит „Црно па се не види“. Следуваше поранешната авангардна вокалистка на „Видеосекс“, овојпат скротена во прегратките на нашиот Проески. По „Крајње време“, Ања Рупел отпеа две песни од нејзиниот нов албум „Све“. Шоуто допрва следуваше. Хрватскиот пејач Тони Цетински покажа неверојатен темперамент и предиспозиции на вистински церемонијал-мајстор. Истовремено и сентиментален и див, со нашиот Тошка ни понудија неколку балади, меѓу кои и легендарната „Морски вук“. Етномузичарите беа оставени за крај. Со традиционалниот ромски мелос на Есма, во неколкуилјадната публика се „родија“ ороводци и стомачни танчарки. Малку пософистицирано и полежерно, во тој контекст продолжија да се редат звуците од инструменталниот колектив „Синтезис“. А, да. Во целата музичка приказна неблагодарно е да се изостават оркестарот на Зоран Џорлев и групата „Блу фанки индивидуалс“. Професионално и хумано. Впрочем, токму затоа и се собравме. Да помогнеме! Ѓ. С.