Дневник / 05.10.2007
Под мотото „Образованието е одговорност на сите“ поп-ѕвездата Тоше Проески, вечерва со почеток во 19. 30 часот, ќе има хуманитарен концерт на Градскиот стадион во Скопје, поддржан од организацијата УСАИД . Парите од билетите, кои чинат 200 денари, ќе се искористат за петгодишниот проект за основно образование финансиран од фондацијата. Со нив ќе бидат реновирани околу 100 училишта во Македонија, ќе се подобри наставната програма и ќе се спроведат образовните реформи. На вчерашната прес-конференција во хотелот „Континентал“, освен Тоше, присуствуваа претставници од УСАИД. Директорот Мајкл Еди, кој се обрати на македонски, рече дека се гордее што работи со ѕвезда од рангот на Проески. Тоше истакна дека „Никола Карев“, училиштето во кое учел во Крушево, забрзано се реновира. - Чест ми е што сум дел од проект од вакви размери и од големи планови за македонското образование. Сите концерти ми се драги, но хуманитарните многу ми значат оти остануваат трајно. Ако се подобри образованието во Македонија, ќе имаме поздраво општество - изјави Тоше. Како гости на Градски ги најавија Адријан Гаџа, Аленка Готар, Марија Шерифовиќ, Марија Шестиќ, Бојан Маровиќ и Антонија Шола, но Лилјана Петровиќ, менаџерката на Тоше, не даде потврда кој од нив дефинитивно ќе настапи. На прашањето дали чувствува негативни вибрации од Србија поради лошите коментари во нивните весници и дали причината за тоа е поголемото присуство на Тоше во Хрватска, Петровиќ рече: - Најголемиот бојкот на Тоше е од одредени новинари од Македонија, оти српските весници пренесуваат што пишуваат медиумите тука. Затоа ги повикувам сите да не ја рушат својата ѕвезда. Тоше е голем хуманист и тоа не треба да се докажува, затоа ќе го бранам до последната капка крв. Ако сите не' сакаат, тоа значи дека нешто не е во ред и имаме проблем. Ако некаде не' мразат или имаат нешто против нас, тоа значи дека Тоше е таму поголема ѕвезда. Но, не сакам да се случи тоа тука - изјави таа. Тоше додаде дека секогаш ќе се чувствува како Македонец и никогаш нема да ја напушти својата татковина. - На успехот секогаш е залепено зло зашто човечката природа е таква. Се надевам на поддршка од сите за да се справам со злобните луѓе, оти не можам да го направам тоа сам - рече пејачот. (М.А.)
„Образованието е одговорност на сите“ е мотото под кое вечерва со почеток во 19,30 часот Тоше Проески ќе одржи хуманитарен концерт на Градскиот стадион во Скопје. Настанот е дел од петгодишниот проект за основното образование, финансиран од УСАИД, а во соработка со Министерството за образование и наука. „Чест ми е што сум дел од еден ваков проект. Им благодарам на УСАИД што ми дадоа можност и јас да дадам свој придонес. Сите концерти ми се драги, но хуманитарните ми значат посебно, зашто имаат трајна вредност. Со подобрувањето на образованието во Македонија, ќе имаме темелно и поздраво општество“, рече Проески на вчерашната прес-конференција во хотелот „Континентал“. Тој додаде и дека го посетил своето матично училиште во Крушево и самиот се уверил дека забрзано се реновира. Тоше вчера се поднови и со нов џип „туарег“ на „Фолксваген“. Собраните средства од концертот ќе бидат донирани на отворена жиро-сметка со која ќе раководи специјална комисија која ќе ги распредели за реновирање училишни згради, нова опрема и образовни материјали за училиштата во земјава. Како што велат од УСАИД, добротворниот концерт на Тоше Проески се очекува да обезбеди околу 150 илјади долари за поддршка на образовните програми во Македонија. Менаџерката на Проески Лилјана Петровиќ вчера не можеше да потврди кои од најавените гости (Адријан Гаџа, Антонија Шола, Аленка Готар, Марија Шестиќ, Бојан Маровиќ и Марија Шерифовиќ) ќе бидат дел од вечерашниот концерт. Порталот Он.нет ќе обезбеди пренос во живо од концертот (њњњ.он.нет.мк//тосе), а снимка ќе биде емитувана на телевизија А1 в сабота, во 15,50 часот
Добротворен концерт на Тоше Проески во соработка со УСАИД
Макфакс / 05.10.2007
Скопје Добротворниот концерт на Тоше Проески, организиран во соработка со Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД) се очекува да обезбеди околу 150 илјади долари за поддршка на образовните програми во Македонија. Американската агенција соопшти денеска дека парите собрани од концертот, што ќе се одржи в петок во Скопје, ќе се искористат за реновирање на училишните згради, за нова опрема и образовни материјали во училиштата. „УСАИД се гордее што може да придонесе за подобро образование во Македонија. Во соработка со Министерството за образование и наука, нашите проекти помагаат да се случат огромни промени во образованието на оваа земја“, смета Мајкл Еди, директор на мисијата на УСАИД. Концертот е организиран во рамки на новиот петгодишен проект за основно образование, финансиран од УСАИД. Проектот се однесува на унапредување на наставата по математика и природни науки, оценувањето, пристапот кон информациската и комуникациската технологија, како и на реновирање на над 100 училишта низ Македонија.
ШПИЦ: Тоше подготвено на Градски
Нетпрес / 05.10.2007
Тоше Проески е подготвен за својата нова средба со обожавателите на Градскиот стадион, трета по ред досега, која ќе почне вечерва во 19 часот. Придружниот бенд деноноќно одржува проби, со и без Тоше, кој иако вчера утрото многу изморен се врати од кратката турнеја во Австралија, вели дека вечерва ќе биде во топ-форма. - Ќе дадам се од себе, како и досега. Целата моја енергија. Сакам со Вас да ги поделам моите хитови, а и новинарите, кои ќе бидат таму работно, нека ги остават обврските за момент и нека запеат со мене - порача Тоше. Вчера попладне пристигнуваа гостите на концертот, Марија Шестиќ од Босна и Херцеговина, Антонија Шола од Хрватска, Бојан Маровиќ од Црна Гора. Не е извесно дали ќе дојде евровизиската победничка Марија Шерифовиќ по онаа нејзина изјава дека не сака да снима дует со Тоше. Гостин ќе биде и Адријан Гаџа. УСАИД заедно со Министерство за образование и „Аворд продукција“ се организатори на овој хуманитарен концерт, а средствата ќе бидат наменети за реновирање на основните училишта, во кое спаѓа и крушевското „Никола Карев“, во кое учел Тоше. На акцијата се придружи и порталот „Он.нет“, обезбедувајќи интернет- пренос во живо на хуманитарниот концерт њњњ.он.нет.мк//тосе. Тоше со нов џип пред големиот концерт На средбата со новинарите, која Тоше ја одржа вчера, поп-ѕвездата од својот спонзор како изненадување го доби најновиот модел на џипот „туарег“, со што уште еднаш му беше искажана големата благодарност за афирмацијата на нивната компанија, но најмногу од се за целата афирмација што тој ја прави на македонската и на балканската поп-музика.