Реки народ, големо обезбедување, пренасочен сообраќај и долги колони на влезовите беа дел од атмосферата на петочниот концерт на Тоше Проески на Градски стадион. Над 25.000 фанови од целата земја го преполнија стадионот и беа сведоци на една неповторлива вечер чија големина ја дополни и префиксот - хуманост. Тоа беше вечер во која Тоше, Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД) и Министерството за образование, под мотото „Образованието е одговорност на сите“, организираа настан од кој најголемиот бенефит ќе го има токму нашиот подмладок – имено, средствата од концертот (околу 150.000 долари) ќе се наменат за обновување и реновирање на основните училишта во земјава.
„Не можам да верувам во колкав број ве има вечерва! Драго ми е што сте дојдени од цела Македонија и од моето Крушево. На мое огромно задоволство, ова е мој трет концерт овде, а посебно ми е чест што е хуманитарен“, рече Тоше во почетокот на концертот, на кој поздрав до публиката упатија и амбасадорката на САД Џилијан Миловановиќ и министерот за образование и наука Сулејман Рушити.
Под ведро небо (дождот се обиде, но не успеа во своите намери да ја расипе вечерта) малку по 20,30 часот се случуваше она за кое сите беа дојдени - големиот концерт на Тоше и неговите пријатели. „Просто е неверојатно колку брзо ги научивте текстовите на новите песни“, рече Проески, кој првиот дел го посвети токму на последниот албум. Стартуваше со „Игри без граници“ и громогласен придружен вокал - 25-илјадната публика, „Никој како тебе не бакнува“, „Боже, чувај ја од зло“, „Месечина“... Следува аплауз за гостинката од Хрватска - Антонија Шола и дуетот „Волим осмијех твој“ и специјален поздрав за американската амбасадорка Миловановиќ. Тоше и' ја посветува „Nothing Else Matters“, а таа, во знак на благодарност, потпевнува и носи маичка со неговото име. Градски изгледа како големо ѕвездено небо, се слушаат скандирања „Тоше, Тоше“!
Слушаме уште една од новите песни, „Цреша“ - Тоше признава дека му е автобиографска, се редат „По тебе“, „Рани на усните“... „Најголема трема имам кога треба да пеам дома, но токму ова што се случува вечерва, токму поради вас живеам, работам и ја претставувам Македонија надвор најдобро што знам и умеам“, вели Тоше, не криејќи ги емоциите и задоволството.
Момент потоа публиката го поздравува и црногорскиот пејач Бојан Маровиќ (тој и Шола беа најсликани зад сцената) и се случува невообичаен дует - „Тајно моја“ во изведба на Тоше, Бојан и публиката. По настапот на гостинот, се пее „Срце није камен“, „Вежи ме за себе“, ја видовме и гостинката од БиХ, евровизиската претставничка Марија Шестиќ и „Ријека без имена“, а момент потоа заедничка изведба со Тоше на светскиот хит „Simply the Best“ (помага и Ирена)... По „Љубена“, го гледаме Адријан Гаџа, уште еден од гостите - прави мини денс шоу, Тоше признава дека ми недостасуваат постарите песни и пее „Во коси да ти спијам“, „Усни на усни“, „Чија си“...
Нема песна која публиката не ја знае наизуст. Се случуваат ора на „Несаница“, „Мајка на Марика думаше“ завршува со скандирање „Тоше, Тоше“! Во емотивно набиената атмосфера, за крај на спектаклот, се доделуваат статуети „Мајка Тереза“ - првата оди во рацете на менаџерката на Тоше Лилјана Петровиќ, добиваат и гостите, а за Тоше - специјално осветена статуа на Мајка Тереза со благослов на папата Бенедикт 16. „Статуетата им припаѓа на мајка ми и татко ми. Тие ми ја вкоренија хуманоста“, рече Тоше, предавајќи ја статуетата Мајка Тереза во рацете на неговата мајка Доменика. Публиката реагира бурно и по 3 часа и 15 минути се однесува како сега да почнал концертот. Полна со енергија, позитивни мисли и чувство дека со секоја купена влезница им помага на овие и на идните генерации, задоволно го напушта стадионот. Големата вечер завршува со огномет и надеж дека и другите колеги ќе го следат примерот на Тоше и ќе бидат дел од вакви и слични хуманитарни акции.