Хрватска го испрати „досието Проески“ во Скопје
Утрински / 19.11.2007
Хрватското Обвинителство упати молба до македонските колеги да го преземат кривичниот прогон против возачот Обвинителство, откако ќе ги добие доказите, ќе одлучи дали ќе му суди на Ѓорѓи Ѓорѓиевски ГОРАН АДАМОВСКИ Хрватска во петокот го испратила предметот „Проески“ во Скопје, но од македонските надлежни институции нема потврда дека стигнало во земјава. Во скопското Јавно обвинителство се подготвени да ги видат доказите што ќе ги понуди хрватската истрага за несреќата во која загина најголемата балканска ѕвезда Тоше Проески, по што ќе одлучи дали ќе поднесе обвинение, односно дали ќе му се суди на Ѓорѓи Ѓорѓиевски (32), другарот на Тоше, кој го возеше џипот „фолксваген туарег“. „Хрватските колеги во петокот телефонски не' известија дека преку нивното Министерство за надворешни работи го испратиле предметот во Скопје“, велат од скопското Обвинителство, не прецизирајќи кога би можело да стигне во Скопје, имајќи предвид дека беше викенд.
„До петокот попладне предметот не беше пристигнат“, ни изјави Мирјана Илиева од Министерството за правда. Претходно, хрватското државно Обвинителство соопшти дека упатило молба до македонското Обвинителство да го преземе кривичниот прогон против скопјанецот Ѓ.Ѓ., кому му е поднесена кривична пријава за предизвикување сообраќајна несреќа, во која загина Проески. „Дадовме потврден одговор, имајќи предвид дека станува збор за македонски државјанин“, велат од скопското Обвинителство. Штом пристигне предметот во Скопје, од Обвинителство ќе ги прегледаат сите докази што ќе бидат доставени, а доколку имаат нејаснотии во некој од нив, ќе побараат дополнителна помош
од Хрватска. Несреќата за која е осомничен Ѓорѓиевски се случи утрото на 16 октомври кај Нова Градишка на автопатот кон Загреб, кога џипот „туарег“ удри
во приколка на камион, по што се преврте и се заби во заштитната средишна ограда на автопатот. Проески, кој седеше на совозачкото место, почина веднаш, возачот беше потешко повреден, а менаџерката Лилјана Петровиќ мина без повреди. Тамошната полиција против Ѓорѓиевски, кој возел со 171 км/час,
поднесе кривична пријава поради непочитување на сообраќајните прописи, односно поради неодржување прописно растојание, како и за предизвикување сообраќајна несреќа со смртни последици. За тоа би можел да добие затворска казна во траење до пет години.
Македонија го доби предметот за Тоше
20 ноември 2007
Предметот за сообраќајната несреќа во која загина Тоше Проески стигна во
Македонија. Министерството за правда по повеќе од еден месец, вчера ги
прими списите од Хрватското министерство. Во Министерството за правда на
Македонија вчера соопштија дека се примени списите за, како што стои во
соопштението, преземање на кривично гонење на осомничениот македонски
државјанин Ѓорѓи Ѓоргевски. Министерството за правосудство на Хрватска
списите ги испратило на 16 овој месец. Деталите за увидот, изјавите на
сведоците, препораките на истражниот судија и обвинителството се во
Скопје. Но, министерот за правда Михајло Маневски не сака да ги открива
деталите од добиената документација која Хрватите ја собираа еден месец.
Вели почнува процедурата во Македонија за целосно расветлување на случајот.
Списите се дадени на овластен судски преведувач за превод, па понатаму
ќе биде испратено до надлежното Јавно обвинителство кое треба да го
преземе предметот за возачот Ѓорѓи Ѓорѓевски" - вели Маневски.
Тој не ги коментираше ни тврдењата на Ѓорѓи Ѓорѓевски, во ексклузивното
интервју дадено за ВЕЧЕР дека никој во Хрватска не побарал негова изјава
за настанот. Маневски вели ќе оставел одговорите подоцна да се бараат во
Јавното обвинителство.
Ѓорѓевски, пак, во интервјуто за ВЕЧЕР изјави дека се сеќава на се што
се случило во моментот на несреќата, но дека деталите ќе ги чува за на
суд. Тој ги негираше тврдењата на хрватските медиуми дека кажал дека не
се сеќава на ништо.
Адвокатот на Ѓорѓевски вчера не сакаше да даде никаков коментар. Ќе
почека да ги види списите кои се пристигнати до Министерството за правда.
Викендов Хрватското обвинителство побара од македонското да потврди дека
ќе го преземе кривичниот прогон против Ѓорѓевски кој управуваше со
возилото "туарег" со кое загина Тоше Проески. Обвинителите ќе чекаат да
го видат целиот предмет.
Тоше Проески загина во сообраќајната несреќа што се случи на 16 минатиот
месец кај Нова Градишка во Хрватска. Во сообраќајката потешко беше
повреден Ѓорѓевски, кој го возеше "туарегот" на Тоше, а полесно беше
повредена менаџерката на македонската поп-ѕвезда Љиљана Петровиќ.
Хрватското обвинителство поднесе кривична пријава против Ѓорѓевски, но
откако беше решено предметот да се води во Македонија, Хрватите побараа
кривичен прогон.
/*Билјана ЗАФИРОВА
Досието „Проески“ пристигна во Скопје
Утрински / 21.11.2007
Хрватското Обвинителство сугерира да продолжи прогонот против возачот на џипот Предметот за несреќата во која загина Тоше пристигна точно пет недели по трагедијата кај Нова Градишка на автопатот кон Загреб ГОРАН АДАМОВСКИ Досието „Проески“, конечно, пристигна во Скопје. Министерство за правда ја доби од своите хрватски колеги целокупната документација во врска со несреќата од 16 октомври кога кај Нова Градишка на автопатот кон Загреб загина најголемата балканска поп-ѕвезда Тоше Проески. Предметот сега ќе биде доставен во скопското Обвинителство, кое ќе одлучува дали ќе поднесе обвинение против возачот на џипот „фолксваген туарег“, Ѓорѓи Ѓорѓиевски (32), кого хрватската истрага го посочува како виновник за сообраќајката. Адвокатот на Ѓорѓиевски очекува да види што има во досието, односно дали на неговиот клиент ќе му се суди. „По извршениот превод на целокупната документација, предметот ќе го доставиме до надлежното Јавно обвинителство во Скопје“, изјави министерот за правда, Михајло Маневски. Во скопското Обвинителство, откако ќе ги прочитаат наводите на истрагата, ќе одлучат дали ќе ги прифатат сугестиите на хрватските колеги да го продолжат кривичниот прогон против Ѓорѓиевски. „Да видиме прво што ќе ни биде доставено, односно дали ќе има потреба да се прави дополнително вештачење за доказите. Потоа, бргу ќе утврдиме дали и кај кого има вина“, ни изјави Стерјо Зиков од скопското Обвинителство. Што има во досието сака да види и Мирослав Вуиќ, кој му е адвокат на осомничениот возач и другар на Тоше, Ѓорѓи Ѓорѓиевски. „Без да видам што пишува во предметот, не можам да кажам што понатаму. Да видиме најпрво дали нашето Обвинителство ќе го прифати прогонот за мојот клиент“, вели Вуиќ, кој има забелешки зошто се чекало да поминат дури „еден и пол месец за досието да стигне во Скопје“. „Убеден сум дека во Хрватска не е водена истрага, туку само е извршен полициски увид на местото на несреќата“, тврди Вуиќ. Досието „Проески“ пристигна точно пет недели по трагедијата, иако хрватските надлежни институции тврдеа дека предметот можеле да го завршат за неколку дена. Веднаш по несреќата тамошната полиција соопшти дека виновник за трагедијата е возачот Ѓорѓиевски, кој со 171 км/час удрил во задниот дел од приколка на камион, управувана од белграѓанецот Славиша Кузмановиќ, по што џипот се превртел неколку пати и удрил во средишната заштитна ограда на автопатот. Против Ѓорѓиевски, кој во несреќата се здоби со тешки повреди, беше поднесена кривична пријава поради непочитување на сообраќајните прописи, односно поради неодржување прописно растојание, и за предизвикување сообраќајна несреќа со смртни последици. За тоа би можел да добие затворска казна во траење до пет години. Останува да се види зошто не се отворија воздушните перничиња на 60.000 евра скапиот џип „туарег“, потоа каква е улогата во несреќата на белграѓанецот, кој помина само со парична казна за брзо возење, односно дали го возел својот камион на својата страна и дали задните светла на приколката биле исправни, како и дали тоа кобно утро имало магла на патот и дали Ѓорѓиевски заспал зад воланот неколку минути пред судирот.
Досието „Проески“ стигна во Македонија, „туарегот“ остана во Хрватска
Дневник / 21.11.2007
Министерството за правда вчера ги прими списите на хрватското обвинителство за преземање кривично гонење на возачот на „туарегот“, Ѓорѓи Георгиевски, осомничен за предизвикување на сообраќајната несреќа во која загина Тоше Проески, соопштија од Министерството. По триесет и пет дена од несреќата стигна целокупната документација за случајот, заради натамошно гонење на осомничениот Георгиевски, но не и „туарегот“, кој би бил многу важен за одбраната доколку Обвинителството поднесе обвинение. - Кога ќе биде преведена целокупната документација, предметот веднаш ќе го доставиме на натамошно постапување на надлежното Јавно обвинителство во Скопје - информираа од Министерството за правда. Министерот за правда Михајло Маневски вчера посочи дека сите изјави за сообраќајната несреќа ќе може да се земат од надлежниот јавен обвинител, бидејќи Министерството за правда немало надлежност да се впушта во изјави за фактите и за доказите од несреќата. Адвокатот на Георгиевски, Мирослав Вуиќ, беше задоволен од информацијата дека конечно стигнал предметот. - Чув од новинарите дека стигнал предметот. Сепак, не можам ништо повеќе да коментирам за тоа, затоа што уште не сум видел што се' е испратено од Хрватска - вели Вуиќ. Сообраќајната несреќа се случи изутрината на 16 октомври на автопатот Загреб-Липовац. Хрватските власти неколку часа по трагичната несреќа објавија дека причина за несреќата била преголема брзина, непочитувањето на оддалеченоста меѓу возилата и замор кај возачот. Според нив, во моментот кога удрил во камионот, Георгиевски го управувал теренското возило со брзина од 171 километар на час. Во несреќата Георгиевски беше потешко повреден, а менџерката на Тоше, Лилјана Петровиќ, помина со полесни повреди. (Н.М.)